Дождот во Штип остави наноси од песок по улиците, надлежните на терен

Вчерашниот дожд во Штип кој беше долго очекуван и добредојден освен позитивни страни зад себе остави и наноси од песок по улиците како во централното градско подрачје така и во приградските населби. Утринава на улица Коле Неделковски во населба Леваци во Штип, дел од граѓаните самостојно го чистеа просторот пред своите куќи кој беше со песок и камења. Ова не е прв пат, велат на секој дожд дури и кога не е обилен и пороен нивниот проблем е ист, а надлежните понекогаш доаѓаат навремено, понекогаш и не.

„Сакам да се заблагодарам на бившиот градоначалник за патот. А, сега ќе бидам благодарна на овај градоначалник ако преземе тука едно песетина метри има позадина погледнете песокот е се пред мојата куќа. Секое врнење, дали е дождот пороен или не, секогаш е вака.“

Надлежност за чистење на патиштата и улиците по дождовите е на ЈП „Стипион“. Директорот Трајче Коштанов истакна дека се работи на расчистување на улиците и дека екипите се на терен.

„ По дождот нашите екипи се на терен. Да свесни сме дека има наноси од песок и во централното градско подрачје и во останатите приградски населби, но ние работиме и сме на терен. Пријавено е дека наноси од песок има и на улица Коле Неделковски и ќе се исчисти и таму во текот на денот. Инаку, наносите од песок по улиците најчесто се заради несоодветната заштита на граѓаните кои имаат песок пред своите домови па ветрот и дождот го разнесуваат истиот. Во секој случај потребно е разбирање од страна на граѓаните, ќе исчистиме секаде“ – истакна Коштанов.

Лаура Стојанова М-Нет