Доделени признанија за крводарителите со 50, 75 и 100 крводарувања

Крводарителите со јубилеен број крводарувања добија признанија за хуманоста. Вкупно осум признанија и благодарници вклучувајќи ги оние за поединци, институции, организации и масовни крводарителски акции беа доделени во кабинетот на градоначалникот.

„Станува збор за крводарители коишто добиваат јубилејно признание за 50 крводарувања, за 75 крводарувања и имаме еден крводарител којшто има јубилено признание за 100 крводарувања. Овие признанија ги даваме со цел да ја уважиме хуманоста на овие наши сограѓани кои преку целата година се активни на полето на крводарителството и не само што даваат свој личен придонес, туку ги мотивираат и оние околу себе“, истакна претседателката на ОО Црвен крст Штип, Викторија Милановска – Патраклиев.

За крводарителите дарувањето значи спасување нечиј живот, а признанијата, пак, дополнителна мотивација за да продолжат со дарувањето.

„За мене значи да спасиш живот и, секако, продолжуваме со дарувањето.“

„Имам 53 пати дарувано и значи голема хуманост. Да, да, продолжуваме.“

Домаќин на настанот беше градоначалникот Иван Јорданов, кој како крводарител кој има дарувано крв повеќе од 20 пати, заедно со претседателката на Црвениот крст ги додели признанијата и благодарниците.

„Тоа се наши сограѓани коишто заслужуваат посебна почит и во име на тоа денес одлучивме заедно со Црвениот крст да ги запознаеме, да им дадеме едно симболично признание за нивниот придонес, за хуманиот гест и мотив да продолжат понатаму со дарувањето крв и со тоа да придонесат за нашиот град“, истакна Јорданов.

Статистиките покажуваат поуспешна 2021 година во споредба со 2020 година со вкупно 1591 крводарител. Изминатата година првократни дарители биле дури 212, а во однос на полот бројот на мажи е дури трипати поголем од бројот на жени. Најмногу крв дарувале граѓани помеѓу 41 и 45 години, веднаш по нив се оние во старосната граница од 17 до 20 години, а најмалку крводарители има во возрасната граница 61 – 65. Во однос на работните организации, пак, најмногу крв дарувале припадниците на Армијата со дури 189 крводарители.

Ребека Спасова М-Нет