Директорите на штипските училишта бараат правда – можност за полагање на менаџерски испит

В.д. Директорите на средните и основни училишта во Штип денеска на прес конференција си ги побараа уште еднаш своите права. Скратена им е можноста за полагање на Менаџерскиот испит кој е потребно да го имаат за директор, и сега причината е пробиени рокови. Додаваат дека следеле обука, полагале два од три испита, за на крај да добијат соопштение дека рокот е пробиен и постапката поништена.

„Во јануари 2022 година извршивме уплата и се пријавивме во Државниот испитен ценатр за следење обука за директори. Обуката се состои од следење на шест модула или вкупно 192 часа. За реализација на првата обука чекавме долго и таа се реализираше на крајот на месец мај. Потоа следуваше пауза од еден месец и во летниот период заклучно до септември ги проследивме сите модули. Пота се пријавивме за полагање на испитот за директор кој се состои од три дела.“ -вели Шалева.

Дополнително биле известени дека поништената сесија ќе биде повторена, дека ќе добијат нови завршни трудови и дека постапката ќе биде завршена во рок од еден месец. До ден денеска нема ништо.

„Сѐ ова се случуваше на почетокот на декември, сега е средина на декември, постапката ја започнавме во јануари лани, а ние ден денеска сѐ уште чекаме и веќе не знаеме што чекаме. Во нашите училишта имаме и наставници приправници кои го имаат завршено приправничкиот стаж и веќе подолго време чекаат термин за полагање на стручен испит.

Поддршка на денешниот настан даде и единствениот директор кој го има положено менаџерскиот испит од директортите во Штип. Арсов вели дека ваква голгота се нема случено во ниту една власт до сега.

„Иако ги исполнувам сите услови за директор денеска сум тука да искажам поддршка на моите колеги директори за голготата низ која минуваат. Ова досега се нема случено во било која власт да се кршат уставно загарантирани права за лична наградба“ – вели Арсов.

Слично како Диоген со светилка во рака во сред бел ден, директорите побараа правда, човек кој ќе застане зад нив и ќе најде решение за нивниот проблем.

Лаура Стојанова М-Нет