
Викендот се играат натпреварите од 12. коло на Трета лига – Југозапад, а со тоа ќе биде означен стартот на пролетниот дел и во овој третолигашки регион кој започнува последен.
Во рамки на првото пролетно коло Демир Хисар на домашен терен ќе игра против фаворитот Кораб, Влазними игра градско дерби со Караорман, Кравари против Евротип, Славеј во Мешеишта против Велешта, а пак Света Троица против Сатеска во Охрид. Екипата на Светлост од Кукуречани ќе игра со лидерот Преспа.
Во Трета лига – Запад ќе се играат натпреварите од 14. коло каде дербито на колото го играат Тетекс и Влазерими во борбата за тоа кој да биде прв и да игра во баражот за Втора лига. Дрита ќе игра со Камјани, Џепчишти со Речица, Вардар во Брвеница против Љуботен, Доброшти против Ренова, а пак Зајас со Велазерими од Слатино.
Во рамки на 16. коло во Трета лига – Југ Превалец на домашен терен ќе игра со Ултрас, Бучин ќе го пречека Башкими 2008, поранешниот второлигаш Росоман против Влазними Јуниор. Екипата на Венец ќе го пречека Питу Гули, а пак Слога ќе игра со лидерот Големо Коњари.
Во Трета лига – Исток се играат натпреварите од 11. коло каде Малеш во Берово ќе игра со Светлост од Зрновци, Тиверија во Струмица против лидерот Слога од Виница, Брегалница во Делчево го чека Хоризонт Турново, Овче Поле против Ударник, а пак Карбинци ќе биде домаќин на Дојранско Езеро.
Во Трета лига – Север се играат натпреварите од 16. коло каде Башкими Љуботен ќе се соочи со Беса Влазрими, Фортуна ќе биде домаќин на новајлијата Ржаничино, Риниа со Академија Илинден, а пак некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ ќе игра со Њу Старс.
Поранешниот второлигаш Кадино ќе се соочи со Аеродром, Пчиња ќе има тежок меч на домашен терен против БВК Коњаре, а пак Куманово ќе го пречека лидерот Шкендија Арачиново.
Александар Ванев, М-Нет