Во Штип има регистрирани 75 спомен обележја, до 2027 споменик ќе добие и Дончо штипјанчето

Исшарани споменици, спомен обележја без глава, оштетени или украдено – честопати ваква е сликата во Штип кога станува збор за спомен обележјата во градот. Пред речиси една деценија беше украден дел од металот на спомникот на Евреите. Проблемот е уште поголем бидејќи најголем дел од спомениците се авторски дела и општината иако има надлежност да ги одржува, без согласност од авторот не може да ги врати во првобитната состојба.

„Ние како општина постојано ја следиме сосотојбата на сите спомен обележја оние кои се во регистерот. За тоа поднесуваме соодветни извештаи. Но мора да се каже дека покрај тоа што едвидентно е честото скрвнавење на спомениците, обновувањето, односно враќањето во правобитна сосотојба е многу тешко. Станува збор за авторски дела, најчесто тоа се бисти на борци кои се скрвнавени до степен на неможност да се корегираат.“ – вели Панајотов.

Општината прави план на секои пет години, кои значајни датуми ќе се одбележуваат, дали ќе има ново спомен обележје и слично. До 2027 година треба да биде изграден споменик на Дончо Штипјанчето како и на Генерал Михајло Апостолски.

„Општина Штип врз основа на својата работа и грижа за спомен обележјата на секои пет години донесува програма за одбележување на значајни настани и личности и спомен обележја. Во рамки на истата се утврдуваат приоритети за тоа на кои истакнати личности заслужуваат да бидат обележани со спомен обележја. Во рамки на тоа петгодишната програма која е актуела до 2027 година има предвидено изградба на споменик на Дончо Штипјанчето, Генерал Михајло Апостолски.“ – додава Михајловски.

Согласно Законот, Општина Штип е обврзана да води регистер и според моменталната состојба во регистерот има забележано 75 спомен обележја.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет