
Основците од прво до петто одделение во сите основни училишта на територија на Штип денеска ги добија униформите кои ги обезбеди Општината. Градоначалникот, Иван Јорданов, присуствуваше во ООУ „Тошо Арсов“, каде униформите утринава беа поделени на учениците, и при истата прилика посочи дека станува збор за висококвалитетни, модерни и памучни униформи кои ќе ги намалат разликите помеѓу учениците.
„Она коешто го најавивме, еве, веќе денес се реализира. Станува збор за комплетна униформа од маичка и дуксер, коишто ќе се користат во три сезони за да се намалат разликите помеѓу учениците, да се чувствуваат подеднакво, да имаат еднакво чувство на припадност. По подолг временски период, оваа година започнуваме со имплементација на овој проект којшто на годишно ниво ја чини Општина Штип нешто повеќе од 4,5 милиони денари, затоа што се опфатени сите основни училишта“, рече Јорданов.
Со оглед на тоа што се утврдуваше потребата од воведувањето вакви униформи, но и имајќи ги предвид финансиските можности, во овој момент Општината не успеа да обезбеди униформи за сите основци. Јорданов вели дека во следниот период овој проект ќе се прошири и за учениците од погорните одделенија да добијат униформи.
„Да, со оглед на тоа што оваа година по долги години пауза започнавме со имплементација на овој проект, секако, догодина планираме да се прошири и за учениците од шесто до деветто одделение и на тој начин да се опфатат поголем број ученици“, додаде Јорданов.
Модерни униформи денеска добиваат вкупно 2200 ученици од прво до петто одделение. Големините на униформите се нарачани според добиените информации од секој родител, а кои се прибраа во текот на изминатите месеци. Според информации кои ги објавија некои од училиштата, доколку за попрактично одржување на ученичката униформа, родителите се одлучат за резервни парчиња, без разлика дали цел комплет или дел од униформата, цената во вкупен износ нема да биде повеќе од 1.500 денари.
Ребека Спасова М-Нет