
„Сакам да упатам еден апел до сите нас – да се заложиме младите да ги насочиме кон спортот, кон спортските сали, а да ги избегнат денешните пороци кои, за жал, ги има сѐ почесто“, вели спортистот на годината за град Штип, Дејан Митров.
„Спортот е начин на живот, а јас го избрав тој живот“, рече добитникот на признанието спортист на годината за град Штип, Дејан Митров, кого Општина Штип вчеравечер, во преполната сала на Мултимедијалниот центар на УГД, го прогласи за спортист со најдобри резултати во 2023 година.
На манифестацијата признанија добија и голем број пионери, кадети, младинци, сениори, тренери, спортски работници и ветерани, кои несебично го вложувале и сѐ уште го вложуваат својот труд и се вистински спортски амбасадори на Штип, кој годинава е Европски град на спортот.
Во категоријата пионери за најдобар спортист беше прогласен Зоран Шоров, во категоријата кадети оваа титула ѝ припадна на Ива Колева, во категоријата младинци, пак, најдобар спортист е Андреј Басаров.
Првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов, посочи дека преполната сала е доказ дека Штип живее за спортот, а тој е горд што на овој начин се одбележуваат достигнувањата на спортистите и спортските работници за изминатата 2023 година. Подвлече дека годинава се определени рекордни 18 милиони денари за поддршка на спортот и спортските активности.
„Да си успешен спортист значи да жртвуваш дел од себе. Да успееш да оствариш високи резултати значи да се откажеш во континуитет од задоволствата на твојата генерација. Да направиш значителни спортски резултати е мисија која значи давање натчовечки физички напори за да успееш во поставената цел. Изборот за најдобар спортист оваа година за мене има посебна важност, бидејќи, како што сите знаете, градот Штип е прогласен за Европски град на спортот за 2024 година. Тоа е престижно признание кое ќе даде мотивација повеќе и дополнителен поттик за сите нас оваа година да биде година на спортот и големите спортски достигнувања“, рече Јорданов.
Комисијата за избор на спортист годинава имаше прилично тешка задача, имајќи предвид дека пристигнаа повеќе од 150 пријави на спортисти од околу 15 клуба. Годинава се воведe категоријата ветерани, а од минатата година продолжува доделувањето награда и за најдобра жена-спортистка.
Ребека Спасова М-Нет