Демант од инвеститорот за малата хидроцентрала кај Блатец: „Проектот е законски, цевководот е 1,9 км, нема загрозување на водоснабдувањето“


Компанијата ДПТУ Енерџи Лукс испрати официјален демант и појаснување до медиумите во врска со, како што наведуваат, „неточни и тенденциозни информации“ поврзани со изградбата на мала хидроцентрала на подрачјето на селото Блатец.
Во реакцијата се посочува дека проектот се реализира врз основа на важечка концесија и комплетна документација издадена од надлежните институции на Република Северна Македонија, при што сите постапки, како што тврдат, се спроведуваат согласно законските процедури и еколошките стандарди.


Од компанијата информираат дека при неодамнешен пристап до локацијата нивниот тим се соочил со вербални закани, блокади и агресивно однесување од организирана група лица, по што интервенирала полицијата. Сметаат дека ваквиот пристап создава непотребна тензија и не придонесува кон решавање на отворените прашања.
Цевководот не е 3–4 километри, туку 1,9 км
Една од клучните забелешки во јавноста се однесувала на должината на цевководот. Од „Енерџи Лукс“ демантираат дека станува збор за траса од 3 до 4 километри, нагласувајќи дека според проектната документација и издадените одобренија, реалната должина изнесува 1,9 километри.

Во однос на обвинувањата за уништување на биодиверзитетот, инвеститорот тврди дека тие не се поткрепени со факти. Посочуваат дека по целото течение на реката постојат пет до шест долови и природни дотекувања од двете страни, кои ќе продолжат да го одржуваат природниот проток надолу по течението и не се опфатени со цевководот.
Дополнително, се нагласува дека локалното население користи отворен извор за вода за пиење, при што компанијата се обврзала да обезбеди непречен пристап до вода пред зафатот, со цел водоснабдувањето да не биде загрозено.
Каналот „Јагодици“ и намалената моќност
Во реакцијата се осврнуваат и на наводите дека турбината ќе го оневозможи користењето на левиот канал за наводнување на полето „Јагодици“. Од компанијата тврдат дека тоа не е точно, бидејќи испустот од турбината е позициониран 20 до 30 метри над левиот канал, со можност водата да се пренасочува според потребите.
Како дополнителен компромис со локалното население, од „Енерџи Лукс“ информираат дека инсталираната моќност е намалена од првично планираните 860 kW на 606 kW.
Повик за институционален дијалог
Од компанијата потенцираат дека не се против локалното население, ниту против заштитата на животната средина, туку се против, како што велат, насилство, закани и спречување на законски дозволени активности.
Воедно, упатуваат апел јавната дебата да се води со факти, стручни анализи и аргументирана дискусија во институционални рамки, изразувајќи подготвеност за транспарентен разговор со сите засегнати страни.