
Дезинфекција на трите сообраќајни влеза во Кочани и затворање на повеќенаменските игралишта се новите мерки за заштита и спречување на ширење на болеста КОВИД-19, што ги определи Општинскиот кризен штаб – Кочани на денешниов состанок.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев предложи третман на возилата на влезовите и затворање на повеќенаменските игралишта по примерот на детските.
Службите од Центарот за јавно здравје истакнаа дека термини за тестирање има и дека матичните лекари можат да резервираат. Поради тоа што во периодот кој доаѓа ќе има поголема потреба од заштитни маски и визири, повикаа граѓаните да не се расфрлаат и да не ги злоупотребуват резервите од опрема што ги имаат набавено досега.
– „Состојбата е крајно сериозна и ние ќе ги искористиме сите мерки за поддршка на локалниот бизнис. Конфекциите изработуваат маски од текстил, многу од нив донираат и ако има потреба, може да се ублажи состојбата со такви маски. Ќе продолжиме да помагаме и со дезинфекција во приватниот сектор. Останува да ја контролираме состојбата, да водиме грижа и да ги надминеме што поскоро овие тешки времиња“ – истакна градоначалникот Илијев, повикувајќи сите да се однесуваат одговорно кон сопственото и јавното здравје.
Лекарите коишто се членови на Кризниот штаб упатија апел граѓаните да не одат во болница, туку да добиваат упатства за натамошните постапки по телефон.
