Сиљановска-Давкова за 23 Октомври: Пред историски испит сме да го продолжиме стремежот за просперитетна држава

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

„Почитувани сограѓани,

Партизаните и ние, нивните потомци, не случајно се повикуваме на Илинденското востание и на комититите.

Впрочем, не можеме да говориме за ослободувањето на татковината, а да ја премолчиме или да ја занемариме саможртвата на оние што со натчовечки напор се обиделе, но не успеале да го остварат сонот за национална држава.

Не можеме да ја чествуваме државноста, а да ја заборавиме пожртвуваноста на поколенијата што ги удриле нејзините темели и ги вградиле животите во нив.

Зарем можеме да ја разбереме сегашноста ако не ги познаваме и не ги почитуваме идеалите, надежите и историските чекори низ коишто се формирала нашата национална самосвест?

Токму затоа, 23 Октомври има особено место во македонската историја. Со основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, најсвесните македонски дејци ја преточиле вековната жед и желба за слобода во организирано дело, а стремежот кон самобитност во решителна битка на смрт за сопствена држава.

Во бурните историски времиња и тешки околности, водени од македонскиот непокор и од насушната потреба од пристоен човечки живот, тие го трасирале патот на македонската револуционерна борба.

Но, што значи чествувањето на нивното дело ако не ги негуваме вредностите за кои се бореле?

Пиететот кон предците има смисла само кога нивните високи и благородни идеали ги преточуваме во праведност, солидарност и посветеност на општото добро.

Историското завештание не е само причина за гордост, туку и морална обврска да ја унапредуваме државата, да го штитиме човечкото достоинство и да создаваме општество во кое правото, правдата и моралот ќе бидат не само темелни вредности, туку и реалност.

Ако револуционерниот порив некогаш се потврдувал со себежртвување за високи национални цели, денес се докажува со одлучно и чесно работење, интелектуална смелост и решителност за нужни реформи.

Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава.

Нашиот долг кон предците е да го чествуваме споменот за нив, оддавајќи им должно признание, кон современиците да постапуваме со одговорност кон надлежностите и работните обврски, а кон идните поколенија – како гарантори на нивната сигурна иднина.

Нека ни е честит и вековит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!“, се вели во честитката на Давкова.

Текстот Сиљановска-Давкова за 23 Октомври: Пред историски испит сме да го продолжиме стремежот за просперитетна држава е превземен од МАКФАКС.