Дали штипските пензионери огревните дрва ќе ги добијат со задоцнување?

Дистрибуцијата на огревните дрва за пензионерите, членови на штипското здружение годинава можеби ќе задоцни, поради состојбата со корона вирусот, но и поради технички проблеми. Едниот проблем се временските прилики – бидејќи при врнежливо време патот до шумите во Берово, Делчево и Виница, од каде се набавуваат дрвата е каллив и непрооден, а најважен проблем се неколкуте дистрибутери.

Од претседателот на здружението, Ристе Нетков, Мнет дознава дека од пред две години наместо директно од Македонски Шуми, огревните дрва се дистрибуираат преку четири за тоа овластени претпријатија. Она што претставува проблем е доцнењето на доставата од страна на дистрибутерите до пензионерите кои веќе ги имаат платено дрвата за оваа сезона.

Па во некоја мерка можеи така да се каже, бидејќи дистрибутерите пред неколку години се соочија со една новина, така да тие веќе се и дистрибутери и уплаќачи на дрва кон Македонски Шуми, за разлика од пред неколку години, кога начинот на уплата беше на друг начин регулирана / ние сега средствата директно ги уплаќаме на сметката на дистрибутерите, како за превозот, така и за огревните дрва / Ставот на дистрибутерите е дека може да се случи грешка понекогаш, бидејќи тие секојдневно носат дрва на многу места, така да после 50-от и 100-от кубик, може да се направи мала грешка – истакна Нетков.

Имено, до пред две години, од февруари до септември, пензионерите во просториите на здружението на осум рати плаќале за количината дрва што ќе им биде потребна, по што средствата биле префрлани на сметка на Македонски Шуми, а до 1 октомври дрвата веќе биле доставени.

Доколку се случувале одредени проблеми, да не бидат на време доставени дрвата, надлежните од Здружението им помагале да најдат дрва преку друг доставувач, или, им ги враќале на пензионерите средствата од веќе уплатените рати. Со појавата на дистрибутерите, Македонски Шуми немаат обврски спрема пензионерите.

Македонски шуми во овој момент имаат обврски само со дистрибутерите, а со нас индиректно, доколку некаде настане проблем, тие се вклучуваат и го решаваме заеднички проблемот – рече Нетков.

Иако досега, околу 70 отсто од 2200-те кубика дрва се дистрибуирани, пензионерите реагирале за доцнењето, а  Нетков додава дека се прават напори до 15 октомври, кога започнува грејната сезона, да се пронајде решение се` што е платено и порачано, да биде испорачано.

Во спротивно, оние кои нема да добијат дрва преку Здружението на пензионери, ќе добијат поврат на парите и ќе треба сами, односно повторно со помош од здружението да се снаоѓаа и да обезбедат дрва за греење. Тоа можат да го сторат преку приватни, овластени од ресорното министерство, дистрибутери.

За жал, за тоа ќе мора да платат поскапо.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ДАРКО ЛАЗЕВ