
345 денари за килограм црно грозје во маркет во Штип. Потрошувачи изненадени од, како што велат, нереално високата цена ни испратија фотографии на кои се гледа дека цената на грозјето за килограм е 345, а во случајов потрошувач платил 357 денари за 1,037 килограми грозје. Граѓаните прашуваат дали некои ги контролира цените кои и онака се далеку неприфатливи имајќи ги предвид ниските примања. Анкетата на терен, пак, покажува дека граѓаните не забележале нешто вакво во некој штипски маркет. Грозјето го купувале, велат, по цена од 50 до 70 денари. Во дел од маркетите оваа пониска цена ја забележа и екипата на М-Нет Телевизија.
Меѓутоа, на нашиот пазар цените не се ограничени. Формирањето на цените е слободно, па единствено што граѓаните можат да направат е да одат од маркет во маркет и да купат онаму каде што е најевтино. Да се пријави нема основ, велат од Организацијата на потрошувачи, само Владата може да преземе некои мерки за ограничување на цените, нешто што и се случуваше во изминатиов период со покачените цени и инфлацијата.
„Може само Владата доколку повторно се преземат некои соодветни мерки за да се ограничат одредени цени на некое разумно ниво, особено на основните продукти за живот. Друго не би можел потрошувачот ништо сам да направи. Некој што може нешто направи е само државата, и досега имавме некои мерки. Меѓутоа, тоа треба да бидат осмислени мерки, поради тоа што потоа кога ќе престанат да важат би требало да не предизвикаат пак лавина од покачување на цени, туку да се регулираат на едно пристојно ниво“, вели Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи.
Инаку, граѓаните посочуваат дека во маркет секојдневно се соочуваат со повисоки цени. Поскапеа млечните производи, месото, а најава за покачувања од септември има и за лебот. Во моментов не е активна ниту една од мерките на Владата која вклучуваше ограничување на цените на некои од производите.
Ребека Спасова М-Нет