
Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип новата учебна година ќе ја започне со нови прозорци. Во тек се реконструктивните активности, а денеска увид изврши и штипскиот градоначалник. Тој посочи дека целта е да се подобрат условите во претстојната учебна година и потенцираше дека сите училишни згради ќе бидат подготвени за први септември.
„Продолжуваме со насочување на средствата со коишто располагаме во директни инвестиции во средните и основните училишта. Се променуваат прозорците во СОУ „Јане Сандански“. Очекуваме до почетокот на учебната година да се изврши промена на сите прозорци во ова училиште. Целта е до крајот на годината да се изврши реконструкција на дворното место во ова училиште“, истакна Јорданов.
Директорката на училиштето, Марија Николиќ, посочи дека промената на прозорците значи зголемена енергетска ефикасност, а најави дека за следната година останува да се работи на замена на фасадата и кровната конструкција. Заедно со промената на парно-греењето, ова ќе значи и помали трошоци за училиштето.
„Како што ветивме, така и остваруваме. Се реализира уште една капитална инвестиција, по 66-годишно постоење на училиштето и 40 години во оваа училишна зграда, овозможуваме да се променат старите и дотраени прозорци и со тоа се надоврзуваме на проектите од претходната година кога го променивме системот за парно-греење. Сега со промена на прозорците овозможуваме зголемување на енергетската ефикасност и со тоа подобрување на условите за настава и работа. Во следна фаза се надевам дека во текот на 2024 година за целосна заштеда ќе овозможиме и замена на фасадата и кровната конструкција и со тоа ќе ги намалиме сметките за струја“, вели Николиќ.
Финанскиската инвестиција за промената на прозорците е во вредност од 2,5 милиони денари. Активности се предвидени и во основните училишта „Димитар Влахов“ и „Гоце Делчев“, каде ќе се работи на дворните места, како и во СОУ „Коле Нехтенин“ и другите училишта.
Ребека Спасова М-Нет