
Фудбалот во Малта се развива со брзи чекори, нуди одлични инфраструктурни услови, терени со високо квалитетна вештачка трева, рефлектори и уредени трибини за навивачи и љубителите на фудбалот.
Штипскиот стратег Емил Грнев, кој е шеф на стручниот штаб на ФК Санта Луција, гостуваше во спортски магазин Трибина на М Нет телевизија, каде една од темите беше и условите односно инфраструктурата која ја нуди Малта за фудбалските клубови.
Федерацијата на Малта е таа која ги организира сите натпервари, а на клубовите им е задача само да се појават во точно предвидениот термин за одигрување на натпреварите.
„Јас пред да одам во Малта немав претстава како функционира таму со самото одење во Малта јас увидов неколку работи што се доста интересни и што ги предложив во разговор со некои луѓе од федерацијата, зошто да не земеме пример од малтешкиот фудбал кој со многу брзи чекори оди напред. Ако пред пет – шест, десет години малтешката лига била аматерска, во случајот сега веќе не е така. Кога отидов таму федерацијата си ги организира сите натпревари. Натпреварите се играат на високо квалитетна вештачка трева, се игра на два до три терени, федерацијата тоа го организира, наше односно на клубовите е да се качеме во автобус со опремата да се симнеме на стадион, се да биде организирано, само да излеземе и да го одиграме натпреварот“, вели Грнев.
Грнев дополнува дека секој клуб си има свој терен за тренинзи, а повеќето натпревари се играат и во вечерен термин бидејќи температурите во Малта се високи.
„Додека пак за тренинг секој клуб, бидејќи Малта е мало место, секој клуб си има свој терен во својата населба. Јас ги викам населби како мали гратчиња, секој си има простор за тренинг каде што ги работи тренинзите, а сите натпревари се под покровителство на Фудбалската федерација на Малта со одлични терени и услови за одигрување на еден првенствен натпревар. Повеќето натпревари знаете во Малта е премногу топло се играат и под рефлектори, за разлика од кај нас сега ќе почнеме Втора лига, Прва лига македонска имаме проблем со топлото време, ги измачуваме на некој начин начите играчи во 17 часот под висока температура за игра, за разлика во Малта не станува за тоа дали ќе имаме рефлектори. Кај нас доаѓа како ексклузивно ставивме рефлектори ваму, за мене тоа треба да биде една нормална работа, секојдневие каде што ќе се играат натпревари. Во разговор со неколку пријатели што играат во аматерски лиги четврта, петта лига во Швајцарија, рефлекторите се нормална работа“, вели Грнев.
Според Грнев, фудбалот во Малта се развива брзо, нуди одлични услови за игра и тренинзи, а тој во ФК Санта Луција работи заедно со штипјанецот Борче Постолов кој е негов прв асистент во стручниот штаб.
Александар Ванев, М-Нет