
Полни амбуланти, пациенти кои најчесто се жалат на покачена телесна температура, проблеми во горнореспираторниот тракт, кашлица. Ваква е сликата кај матичните лекари изминатиот период, а голем број на интервенции се бележат и во Брзата помош. Лекарите постојано со апел граѓаните да водат грижа за сопственото здравје со цел безбедно да се помине периодот на настинки и грип. Граѓаните на терен во Штип, велат дека треба да се носи заштита, но дел од нив се децидни дека треба и да се вакцинираат против грип со цел да го заштита сопственото, но и здравјето на луѓето околу нив.
„Ние самите сме си криви, треба на време да се вакцинираме против грип и против болести што има. Јас сум вакциниран, ама и луѓето треба да бидат умни треба да се вакцинираат и да се заштитат.“ – велат граѓаните.
Апел за вакцинирање изминатиот период имаше и од страна на Министерството за здравство. Од тамо во неколку наврати посочија дека вакцините се безбедни и дека граѓаните треба да се вакцинираат против сезонски грип. Од започнувањето на вакцинацијата до денеска во Штип се одржува трендот на доволен број вакцинирани граѓани.
Инаку, последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажува дека во текот на првата недела од 2024 година, од 1 до 7 јануари, во земјата се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип. Тоа е 2,5 пати повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со прва недела од минатата сезона, е зголемен за 24,8 проценти.
Лаура Стојанова М-Нет