Граѓани со реакција за мини – депонија, од ЈП „Исар“ велат – ќе се излезе на терен уште денес

Граѓаните повторно креираат мини – депонии, иако ЈП „Исар“ постојано работи на расчистување на истите. Фотографии ни испратија жители на Стар конак, кои реагираат дека на одредено место во населбата постојано се собира ѓубре, а додаваат дека на нивната улица и кантите за отпадоци биле полни. Со реакцијата жителите посочија на оваа нивна потреба и истовремено упатија апел до јавното претпријатие да ги реши ваквите проблеми.

На оваа реакција в.д. директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, рече дека нивните екипи постојано се на терен и работат по одредена динамика. Тој апелираше до граѓаните постојано да пријавуваат вакви проблеми во инфо – центарот, по што тие ќе одговорат соодветно на потребите. Конкретно за реакцијата која ни ја испратија граѓани, Здравков рече дека ќе се реагира уште денес.

„Ние работиме по програма со соодветна динамика на исфрлање на ѓубрето. Редовно го исфрламе од сите улици на територијата на Општина Штип. Доколку имаме некакви јавувања во нашиот инфо – центар, ние веднаш во рок од 24 сами се обврзуваме да реагираме на тоа. Дури некогаш на некои улици и по повеќепати го исфрламе ѓубрето. Доколку некаде има мини – депонии или запуштени места каде се одлага смет, ние за тоа поведовме и кампања, а апелирам и граѓаните да пријавуваат на 078 473 100 за ние веднаш да може да реагираме и да го собереме тоа ѓубре“, истакна Здравков.

Инаку, ЈП „Исар“ најчесто за време на викендите работи на расчистување на поголемите и помалите депонии во населбите низ Штип. Последниот викенд беа поставени и табли каде се напишани телефонските броеви на кои граѓаните може да ги пријават токму ваквите загадувања на околината и недозволени фрлања на градежен шут или отпад.

Ребека Спасова М-Нет