Дали 35-то издание на МАКФЕСТ ќе се одржи во празна сала?

Активностите околу организирањето на 35-то јубилејно издание на МАКФЕСТ  се во тек. Од членовите на жири комисијата избрани се 22 песни, кои веќе се снимаат во студија во Скопје. Оваа година ќе има повеќе звучни имиња од македонската музичка сцена, а гости од странство ќе нема поради коронавирусот, дознаваме од Кирил Панајотов, советник за култура при Општина Штип.

-Практично затоа што е 35 години Макфест оваа година, сметаме дека треба да настапат најзвучните авторски тимови и речиси од оние што се актуелните, па и некои подзаборавени пејачки имиња, меѓутоа, сепак, големи пејачки имиња кои се потврдиле веќе на Макфест, се наоѓаат на листата. Од авторските тимови, тргнувајќи од оние коишто се актуелни, од Ристо Самарџиев, Ристо Бомбата, Димитар Атанасовски, Ќосевски да спомнеме од нашите, Весна Малинова, Мирче Кикиритков има исто така оваа година песна– рече Панајотов.

Она што не е познато и ќе биде во неизвесност до октомври, кога традиционално се организира оваа манифестација, е тоа дали поради ситуацијата со КОВИД 19, во салата на Домот на културата „Ацо Шопов“ ќе има публика, или изведувачите ќе настапуваат во празна сала.

-Како и да е продукцијата ќе ја има, можно е да биде телевизиски само, односно без публика, но можно е, дај Боже да се реализира онака како што е предвидено секоја година – истакна Панајотов.

За оваа година најавено е МАКФЕСТ да се одржи на 7,8 и 9 октомври.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ