Градскиот дувачки оркестар прозвучи низ штипските улици и го привлече вниманието на штипјани

Градскиот дувачки оркестар по четири години повторно прозвучи низ штипските улици. Триесетина членови дефилираа од Плоштадот „Слобода“, па до платото на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, каде изведоа уште неколку композиции. Како што вели диригентот Тоше Митрев, репертоарот за ваквите манифестации редовно е составен од маршеви и чекорници, но не е идејата да се изведуваат само парадни концерти. Оркестарот најавува уште неколку концерти и активности до крајот на годината.

„По една долгогодишна пауза околу шеснаесетина години, во 2018 година по повод Денот на ослободувањето на Штип повторно се возобнови оркестарот, кој има традиција од речиси еден век. Потоа имавме една пауза од две години. Еве, денес, на овој значаен ден повторно решивме да направивме едно дефиле како подарок за нашите сограѓани, да ги слушнеме звуците низ улиците на град Штип“, вели Митрев.

За успешноста и задржувањето на една традиција придонес имаат повеќе фактори, но најчесто проблем се финансиските средства. Годинава активностите се поместени во годишната програма на Центарот за култура „Ацо Шопов“, за што директорот Горан Трајков вели дека е огромна чест.

„Многу е важно да го задржиме и да опстои, затоа што во времето од минатото за скоро еден век постоење снемува средства за активност, особено од културата. Знаеме дека е тешко да се најдат средства, па ние како Центар за култура заедно со диригентот и оркестарот решивме да го ставиме во годишната програма за работа. Тоа значи дека овозможуваме основни средства за работа. Се надевам дека Министерството за култура ја препозна оваа идеја и ние ја продолжуваме традицијата пак. Мене ова ми претставува огромна чест што можеме да го продолжиме ова генерациско наследство и да ги овозможиме овие дефилеа и концертни претставувања“, истакна Трајков.

Во месец јуни и пред Нова година најавени се големи концерти, а параден концерт, веројатно, повторно би имало и за Денот на ослободувањето на градот. Освен да се зачува и одржи традицијата и уникатноста на оркестарот, целта е и да се одбележат значајни настани за градот и државата.

Ребека Спасова М-Нет