Исчезнато 26 годишно момче од Кочани, полицијата и ТППЕ Кочани на терен

Во кочанско се трага по исчезнато 26 годишно момче. Станува збор за лице кое работело во фирма која поставува Фотоволтаични централи во близина на десниот магистрален канал кај селото Тркање. Полициската потрага започнала веднаш по пријавата, а од утрово ангажирани се дополнителни полициски сили и кучиња – трагачи но и пожарникари од ТППЕ – Кочани . Полицијата во моментов го пребарува каналот и поширокиот простор во правец на селата Тркање и Жиганци, а во интерес на потрагата од АД „Водостопанство Брегалница“ – поддружница Кочани го намалуваат дотокот на вода во магистралниот канал со цел олеснување на потрагата по исчезнатото лице. Во телефонски разговор за М-Нет телевизија командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов, го потврди случајот и вели дека се на терен двајца пожарникарии со соодветна опрема за спасување.

„На терен се и полицијата и пожарната, ама уште не може ништо да се најде оти е полн каналот. Сега пред речиси еден час каналот е сопрен од Калиманци и водата би требало да се намалува за да се види дали има шанси да се пронајде. Во моментов на терен се двајца пожарникари со опрема за вадење на решетката кај Жиганци и Спанчево, а полицијата бара по теренот кај каналот. Ако се види телото, треба да го извадат“, истакна Апостолов.

Освен ТППЕ, во потрага се и пожарникарите – доброволци од Доброволното противпожарно друштво – Кочани и месно население. Потрагата по лицето продолжува, а повеќе информации се очекуваат во текот на денот.