
Можни интервентни мерки беа тема на разговор на денешната средба помеѓу оризопроизводителите и градоначалниците од Истокот. Откако од надлежното министерство немаа слух за нивните барања, тие се обратија и кај градоначалниците од Општините Чешинoво – Облешево, Карбинци, Зрновци и Кочани. Чист популизам се мерките кои ги изложува министерот, а друго се фактите, рече градоначалникот на Општина Чешиново – Облешево, Далибор Ангелов.
„Не се согласувам со тоа, бидејќи според мене, тоа е чист популизам. Ако веќе е така, треба да го гледаме и фидбекот на терен. Меѓутоа, фактите се друго, популизмот е друга работа. Не се согласувам со тоа и мислам дека и колегите градоначалници околу таа изјава го имаат истиот став“, рече Ангелов.
Конструктивна дебата имало на средбата истакна Ангелов, а на истата оризопроизводителите ги истакнале своите барања за повисока цена на оризовата арпа, промена на сегашниот модел на Водостопанство, повисоки ваучери за зелена нафта и продолжување на рокот за трите денари од ковид – мерките. Градоначалниците со апел – Владата да ги слушне овие барања и да преземе соодветни чекори.
„Иако знаеме дека тие работи не се наша надлежност, сепак цениме дека нивните проблеми се и наши проблеми. Од таа причина апелираме до ресорното министерство заедно со Владата да изнајдат соодветно решение за да може заеднички да излеземе во пресрет на засегнатата група на граѓани. Апелирам Владата да престане со своето луксузирање“, додаде Ангелов.
На вчерашниот протест производителите на ориз од кочанскиот регион ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат А3 во селото Облешево, по што министерот Љупчо Николовски истакна дека е горд на досега направеното за производството и производителите на ориз. Во кочанскиот регион има околу 2000 производители на ориз, а ако истите престанат со производството тоа ќе има само негативен ефект врз овој регион.
Ребека Спасова М-Нет