
Депонијата во населбата Баби е една од повеќето исчистени на кои се поставија таблите „Не фрлај отпад“. Целта е да се апелира на нефрлање шут и отпад, а на нив стојат и телефонски броеви за пријавување на ваква недозволена активност. Сепак, тамошните жители велат дека тоа нема да помогне. Свеста кај луѓето нема да проработи, а на истата депонија ЈП „Исар“ за кратко време ќе има полни раце работа. Според нив, освен што ќе се фрла шут и отпад, ќе се однесат и таблите.
„Нам не ни работи свеста. Не само таму, и долу има депонија. ЈП „Исар“ го собираат ѓубрето од дома, ама луѓето фрлаат насекаде. Треба да има и поголем инспекциски надзор, треба да се казнува.“
Граѓаните ја поздравуваат одлуката да се собира шут од домаќинствата, но сепак апелираат и на поажурен инспекциски надзор за да се спречи формирањето на поголеми депонии. Согласни се дека депонии ќе има не само во населбата Баби, туку и на другите места низ Штип, сѐ додека не проработи свеста на граѓаните и додека не се казнуваат загадувачите на животната средина.
Ребека Спасова М-Нет