
Православните христијани денеска го слават празникот Успение на Пресвета Богородица или кај народот познат како Голема Богородица.
Од вчеравечер и утринава голем број верници ги посетија црквите и манастирите во држават кои го слават празникот. Со пораки за здравје мир и бериќер, верниците запалија свеќа и во црквата Успение на Пресвета Богородица во штипско Ново Село, каде се одржа и празнична богослужба.
Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири. Меѓу позначајните празници што македонскиот народ ги празнува со посебно внимание се и неколкуте празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Поради тоа и повеќе цркви низ цела етничка Македонија го носат нејзиното име.
Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.
Празникот Успение на Пресвета Богородица се слави на 15-от ден од месец август (28 според новиот календар). Нему му претходи двонеделен Богородичен или Преображенски пост. Овој празник го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, како и нејзиното преселување во Царството Божјо во полнотата на нејзиното духовно и телесно постоење.
Според верувањата, во период помеѓу две Богородици, важно е да ги направите обредите со кои се искажува благодарност на Богородица, заштитници на жена, за раѓање деца, а потоа за родност и плодност на земјата и добитокот.
За празниците на Голема и Мала Богородица обичај е, посебно жените, да почитуваат голем број забрани, кои се однесуваат на вршење работи во куќата и околу неа. Значи, на верниците им се препорачува да не извршуваат домашни работи, а ова посебно важи за жените. За празникот Успение на Пресвета Богородица, исто така, не е добро да се работи со раце, или да се започнува нова работа.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет