Дејан Глинџарски е кандидат за градоначалник на Општина Делчево од СДСМ

Дејан Глинџарски е кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ за Општина Делчево. Вчеравечер на седница на Извршниот одбор на СДСМ беа презентирани 11 нови кандидати за градоначалници.

СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините. – кажа претседателот Венко Филипче.

Делчево да биде модерна, уредена и просперитетна општина е целта на новиот кандидат за градоначалник. На социјалната мрежа фејсбук напиша дека Делчево ќе биде место за гордост.

„Делчево е мојот дом, местото каде што растев, учев, работев и со години бев дел од секојдневието на нашите граѓани – како психолог, психотерапевт, образовен асистент, соработник со невладиниот сектор, но и како музичар кој со музиката градел мостови меѓу луѓето. Секогаш сум бил со народот и меѓу народот, со отворено срце и со почит кон секој човек.
Горди сме на постигнатото во изминатите два мандати. Тоа е обврска, но и поттик да продолжиме напред – со нова енергија и визија за Делчево.
Мојата цел е јасна: Делчево да биде модерна, уредена и просперитетна општина – со повеќе можности за младите, подобра инфраструктура, транспарентна општинска власт и почит за секој граѓанин.“ – стои на фејсбук.

СДСМ и сега има актуелен градоначалник во Делчево, кој оваа функција ја извршуваше два мандати последователно. Во општините од Истокот за престојните Локални избори, предложени кандидати има за Општина Штип, Павел Иванов, за Општина Чешиново – Облешево – Горанчо Крстев и за Општина Берово – Илија Рунтевски. Филипче истакна дека до крајот на оваа или најдоцна до почетокот на наредната недела ќе бидат познати сите имиња на кандидати за градоначалници.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет