Големо Коњари го доби Вардар Неготино, мечот меѓу Марена и Локомотива не го дочека својот крај – главниот судија доби удар од фудбалер!

Големо Коњари го доби шампионот Вардар на домашен терен со 2:1 во последното коло од Трета лига – Југ.

Вардар го доживеа својот втор пораз, кој нема никакво значење, бидејќи „вардарци“ многу порано го обезбедија баражот за Втора лига, па сега ги чуваат своите сили за најважниот натпревар во сезоната.

Блеранд Ќамили обезбеди водство за домашниот тим од 1:0 на стартот од вториот дел, а Петар Најдов во 64. минута израмни на 1:1. Големо Коњари преку Илчо Митрески во 78. минута одново го врати водство за конечни 2:1.

Натпреварот помеѓу Марена и Локомотива не го дочека својот крај, откако истиот беше прекинат во 68. минута. Како што е наведено во записникот, главниот судија бил удрен со глава во пределот на лицете од страна на играчот со број 7.

„Гостинската екипа пријавени се Горан Коцев како тренер, Цане Будимов како претставник, Игор Милошевич масер. Во 68. минута натпреварот беше прекинат бидејќи главниот судија беше удрен со глава во пределот на лицето од страна на играчот со број 7 Мемедов Берхан и главниот судија падна на теренот па му беше укажана лекарска помош од страна на лекарот .Снимениот матрејал ќе биде доставен во следните 24 часа“, се вели во записникот од натпреварот.

Роналдо во 26. минута погоди за 1:0 и водство на Марена, а Мемедов и Велјанов постигнаа погодоци за 3:0. Усеинов во 42. минута стрелаше за 3:1 на полувреме. Во вториот дел Елејов намали на 3:2, а Петров во 63. минута израмни на 3:3, по што натпреварот беше прекинат, откако судијата беше удрен од страна на фудбалер.

Овој натпревар многу веројатно ќе биде регистриран со службен резултат за Локомотива од 0:3.

Бучин домаш бене поразен со 1:2 од екипата на Обршани. За домашниот тим Цветановски беше единствен стрелец, а за гостите погодија Благојче Ефтинџиоски и Дарко Евтимџиоски.

Младост на својот терен во Кривогаштани го доби Росоман во меч со шест гола (4:2). Тодороски, Чапкуноски и Мијајлески беа стрелци за 3:0, а пак Јованов и Темелковски погодија за 3:2 на полувреме. На стартот од вториот дел Аврамоски ги постави конечните 4:2.

Превалец со 3:2 ја доби Слога на домашен терен во последното коло. Првиот гол за домашниот тим беше дело на Гаштев, а Стојанов беше стрелец на два погодоци. Чоков си постигна автогол, а Имероски стрелаше за Слога.