
Актуелниот освојувач на одбојкарскиот Куп на Македонија, Штип УГД забележа голема победа над шампионот Струмица и тоа на гостински терен со 2:3 во сетови.
Ова е одлична најава за тоа што ќе ни претстои во лигата, но и во Купот, голема борба за титулата.
Натпреварот беше израмнет, а публиката уживаше и проследи атрактивен натпревар во струмичката сала „Парк“. Првиот сет заврши со 25:22 за струмичани, а во вториот сет штипјани беа подобри со 17:25 за 1:1 во сетови. Во третиот сет Струмица врати со ист резултат како во првиот сет за 2:1, а потоа следуваше одличен сет на Штип УГД за 2:2 со 16:25. Во петтиот сет одбојкарите на штипскиот клуб доминираа и сетот го добија со 9:15 за конечни 2:3 во сетови.
Во однос на остатите натпревари неизвесно беше и на мечот меѓу Универзитет Тетово и Борец каде велешани се намачија и натпреварот го добија со 2:3, а пак Работнички не виде мака со Шкендија и беше доминантна со 3:0 во сетови.
Јанта Волеј на домашен терен ја доби Македонија Џио со 3:2, а пак Вардар немаше сили за Лирија и дома загуби со 0:3.
Натпреварот меѓу Весна Пробиштип и Скопје не се доигра, откако домашниот тим одлучи да не го продолжи натпреварот, по спорна судиска одлука. Следува одлука на Комесарот за натпреварување со што ќе биде познат исходот за овој меч.
Александар Ванев, М-Нет