Дејан Митров има апсолутен рекорд од 17 титули Државен првак на Македонија, големи успеси и многу медали за БК Балканец!

Репрезентативецот во борење Дејан Митров кој е член на боречкиот клуб Балканец од Штип ја освои 17-тата титула Државен првак на Македонија на Државното првенство во борење кое во саботата се одржа во Штип.

Митров првата титула ја освои пред точно 20 години, или во 2005 година, а викендот во родниот град пред штипската публика ја освои 17-тата титула, со што Митров ќе биде испишан со златни букви во историјата на македоското борење, надминувајќи ги големите легенди како Чедо Николовски кој има 13 титули, покоен Коце Ефремов од Кочани кој има 11 титули и Шабан Трстена кој има 10 титули.

Митров за М Нет телевизија вели дека на почетокот и не помислувал дека може да постигне такви резултати, бидејќи тој во период кога започнува во борењето, овие големи легенди на македонското борење ја завршуваат кариерата, тоа е периодот крајот на 90-тите години.

„Не сум ни помислил дека можам да постигнам такви резултати, но како одминуваше времето титулите се редеа и не бев свесен за тоа, додека не добив податок од некој од новинарите дека имаме израмнети титули со Чедо Николовски и Шабан Трстена мислам. Реков, да бидеш израмнет со тие легенди на македонското борење за мене е голем мотив плус во кариерата. Фала му на Бога бев здрав, телото ме слушаше, успеав да пребродам некои ситни повреди имаше некоја посериозна повреда и кога ги надминав решив дека можам уште да се натпреварувам“, рече Митров за М Нет телевизија.

Митров за М Нет телевизија истакна дека само со голема дисциплина, работа и верба во себе може да се направи голем успех, а тој успех бара и жртва.

„Искрен да бидам не ни сонував дека сум можел да постигнам вакви резултати, но со голема дисциплина, работа и верба во себе се постигнува. Јас можам да се пофалам дека има богата кариера бидејќи сум го жртвувал и најубавиот период од детството јас сум го жртвувал. Не сум излегувал навечер, сум имал режим на исхрана, сум имал режим на тренажен процес, дисциплина едноставно се жртвуваш. На одмор не сум бил добри десеттина години“, ни изјава Митров.

На Државното првенство за сениори екипата на Балканец забележа големи резултати каде прво место освоија Стефан Штерјов 57 килограми, Владимир Егоров 61 килограм и Дејан Митров во конкуренција 79 килограми. Второ место за Јован Атанасов 70 килограми и Стефан Стојков 65 килограми, а трето место за Мартин Стојанов во конкуренција 79 килограми.

Во екипен пласман во машка конкуренција борачите на Балканец го освоија второто место.

Први места во женска конкуренција освоија Марија Цветанова во 65 килограми, Мелани Митевска во 68 килограми и Анабела Данилова во конкуренција 72 килограми.

Во екипен пласман во женска конкуренција борачките на Балканец го освоија второто место на Државното првенство кое се одржуваше во Штип.

Александар Ванев, М-Нет