
Конечно пуштена во употреба новата трибина на Градскиот стадион во Штип, Брегалница го доби Скопје во меч од 8. коло на Втората лига во амбиент како што заслужува, пред верната публика и верната навивачка група „Фаланга“.
На овој натпревар гледачите уживаа во дербито на колото под рефлектори, сместени на западната трибина, а пак на старата трибина беше сместена навивачката група „Фаланга“, која даваше силна поддршка за својот миленик Брегалница.
Амбиентот и условите на стадионот во Штип се значително подобри, а сега гледачите имаат далеку подобри услови со цел да ја следат Брегланица, која годинава води борба за влез во Првата лига, а по осум кола е на врвот од табелата со 20 бодови, колку што има и Шкендија Арачиново.
Стадионот во Штип важи за терен каде тешко се освојуват бодови, по осум кола само Кожуф успеа да освои бод во Штип. Пред Брегалница ќе следуваат многу дерби натпревари во на Градскиот стадион во Штип, а сигурно е дека публиката и верната „Фаланга“ ќе бидат силна поддршка на штипските „сини“ на патот кон Првата лига.
Александар Ванев, М-Нет