
Фаворитот Вардар Неготино не одигра според планот откако загуби во Штип од екипата на Текстилец со резултат од 35:33 во меч од петата рунда на Првата ракометна лига.
Одличен натпревар за штипските ракометари кои во текот на целиот меч имаа резултатска предност која кон финишот на првиот дел се зголемуваше и до плус пет при 14:9. Во вториот дел предноста на штипјани се стопи откако тимот на Пепи Манасков дојде до резултатски предност и со два погодоци на Мице Шилегов гостинот од Неготино имаше 26:28 во 48. минута од средбата која се играше во Штип.
До крајот Текстилец имаше сили да го врати водството и да триумфира со плус два при 35:33.
Прво име кај Текстилец беше Јован Атанасовски со 11 погодоци, а кај Вардар Неготино се истакна Мице Шилегов со десет реализации.
Мулти Есенс како фаворит однесе висока победа на гостување кај Кичево со 21:39, а висок триумф славеше и тимот на Младост откако во Богданци го декласираше Овче Поле со 46:29.
Драчево Јуниор во целост го откажа Партизан славејќи највисока победа од 53:26, а пак Аеродром дојде до убедлива домашна победа над Преспа со 33:25. Неизвесен меч одиграа Јехона и Македонија ЃП, а домаќинот беше подобар со 25:22.
Мулти Есенс има пет од пет и максимални десет бодови, а пак Драчево Јуниор и Младост Богданци имаат четири од четири и максимални осум бодови, па овие две екипи имаат меч помалку во однос на лидерот.
Вардар Неготино, Текстилец и Јехона го делат четвртото место со по шест бодови, а по четири бодови имаат Аеродром, Овче Поле и Партизан. Екипата на Македонија ЃП и Преспа имаат по два бодови, без бодови е Шампион, а на дното со минус еден бод е Кичево.
Александар Ванев, М-Нет