
„Низа испеани песни, многу случувања и придобивки“ се зборовите со кои може да се опишат изворите Л’џи во штипско Ново Село. Термоминералните води освен што и ден денес се користат како лековити, во минатото биле значајно место за собиранки и случувања. Постарите штипјани, особено новоселци, велат дека многу ги користеле водите, ама иако и денес доаѓаат луѓе, ништо не може да се спореди со минатото.
Локалитетот „Л’џи“ беше обновен пред околу шест години, кога беше поставена пристапна пешачка патека со бекатон плочи, а беше заштитен и самиот извор од излевањето на реката Брегалница. Сепак, денес сликата не го одразува целосниот сјај на ова културно – историско богатство и вековита традиција на градот под Исарот. Локалната самоуправа е согласна дека ова место треба да добие посебно значење и затоа градоначалникот Јорданов истакна дека во следниот период согласно со можностите ќе се работи овде.
„Просторот околу изворот дефинитивно заслужува дополнително уредување. Наша обврска како локална власт е да ги уредиме, да ги разубавиме сите места на територија на Општина Штип. Располагаме со ограничени ресурси. Во рамки на нашите можности во наредниот период, сигурно, и просторот околу изворот ќе добие поразличен и подобар изглед“, истакна Јорданов.
Инаку, водата во изворите „Л’џи“ не е константна, туку е во зависност од речната вода на Брегалница. Главниот извор има издашност која варира од 1 до 1,5 литри во секунда, а температурата на водата варира од 50 до 62 степени. Со зголемувањето на нивото на реката Брегалница, покрај капацитетот на термоминералната вода, се зголемува и температурата на водата. Главниот извор на бањата Кежовица има температура од 57 степени, а излезноста е 7 литри во секунда. Поради ваквите уникатни особености, оваа вода останува и по толку многу години да биде актуелна за штипјани, иако тамошното место го нема веќе истиот сјај и раздвиженост.
Ребека Спасова М-Нет