Паркот на Франкофонија од 18 до 20 септември ќе биде домаќин на второто издание на Street Food Picnic, тридневен настан кој ќе понуди добра храна, музика и содржини за целото семејство.
Овогодинешното издание е посветено на семејното дружење и заедничкото поминување време на отворено. Во опуштена пикник атмосфера, посетителите ќе можат да уживаат во разновидна гастрономска понуда, музичка програма и детски работилници со игра и креативни активности.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги покани граѓаните да бидат дел од тридневното дружење во Паркот на Франкофонија.

„Street Food Picnic го организираме втора година и навистина ми е драго што овој настан прераснува во убаво септемвриско дружење во Центар. Идејата е едноставна – да излеземе од дома, да се собереме во парк, да каснеме нешто вкусно, да слушаме добра музика, а децата да имаат свои активности и забава. Ги повикувам сите, со семејствата и пријателите, да ни се придружат. Три дена ќе се дружиме и ќе уживаме заедно во Паркот на Франкофонија“, порача Герасимовски.
За гастрономскиот дел ќе се погрижат девет изложувачи – Milky, Oljo’s, Transilvanisko trdlo, Жешко Компирче, Sweet Corner, Сутлијаш Бар, Panino, Noa Gyradiko и Mustacos, со избор на солени и слатки специјалитети.

Богата програма е предвидена и за љубителите на музиката. Во петок ќе настапат Golemata Voda и Vaso, во сабота Shurbe, Day Off и Flooder, додека во недела музичката програма ќе ја заокружат Dimish, Trio Zigot и Machki.
Посебен дел од програмата е наменет за најмладите, кои во текот на викендот ќе можат да учествуваат во детски работилници, да се забавуваат и да поминат квалитетно време на отворено.

Street Food Picnic 2 се одржува со поддршка на Општина Центар, а настанот е отворен за сите посетители. Во петок програмата започнува во 17:00 часот и ќе трае до полноќ, додека во сабота и недела започнува во 12:00 часот и ќе трае до полноќ.
Од 18 до 20 септември, Паркот на Франкофонија ќе биде место за дружење, добра храна, музика и забава за целото семејство.
Текстот Герасимовски: Street Food Picnic по вторпат во Центар, три дена храна, музика и семејна забава е превземен од МАКФАКС.