Второлигашите пасивни со формирањето на ростерите, неколку екипи без тренери!

Второлигашите пасивни кога е во прашање формирањето на ростерот за новата сезона, на прсти се бројат екипите кои ги закажаа подготовките и започнаа со промоции на нови играчи, останатите засега не споделуваат официјални информации околу планот на подготовки, пријателски натпревари, но и засилувања.

Неколку екипи дури имаат и празно тренерско столче, а не е исклучена можноста уште неколку екипи да останат без тренер. Беласица се раздели со Панче Стојанов, Новаци се раздели со Дарко Крстески, а пак Кожуф со Иван Варадиновски, а во следниот период се очекуваат тренерски промени и во неколку други екипи.

Новата сезона се отвара на 15 август, а според тоа би требало веќе второлигаши најдоцна до 10 јули да ги стартуваат подготовките.

Во новата сезона ќе се натпреваруваат 14 екипи, последни три испаѓаат директно во Трета лига, првите две ќе обезбедат директен влез во Прва лига, а пак третиот тим ќе игра бараж за влез против осмопласираниот прволигаш кој ќе се бори за опстанок.

Александар Ванев, М-Нет