Врнежите неколку години ги поплавуваат нивите и куќите во Облешево, решавање на проблемот нема

Нечистените и тесни канали – причина за поплавувањето на нивите и куќите во Облешево. Бранко Ѓоргиев, сопственик на нива во Облешево, инаку и претходен градоначалник таму, вели дека ова не е првпат. Секоја година се случува истото, но решенијата на кои посочува тој, сѐ уште не се спровеле во пракса.

„Позади нас е мојата нива која е околу три декара, посадена е со пченица. Ова не е прва година како се случува вака, скоро пет – шест години има вакви поплави. Навистина е невреме, има повеќе врнежи. Меѓутоа, овие канали се чистат повремено, ама не е доволно. Има решение и за ова, само нема слух. Тоа за нас е штета, секако е штета, околу 20 илјади имам штета. Трошоците, пак, се плус. Ние сакаме да насадиме нешто и да имаме приход“, вели Ѓоргиев.

Ѓоргиев вели дека треба каналите почесто да се чистат, но и да се прошират или да се направи уште еден канал, со што водите ќе се влеваат во река Брегалница. Штетите се големи, вели тој, а проблем е и за куќите во кои луѓето не можат ни да влезат.

За ваквиот проблем согласен е и Тони Максимов, жител на Облешево.

„Каналите кај нас по жетва не се чистат. Тоа се канали кои ги користи Водостопанство за наводнување на површините, тоа се Кочанска река, Брегалница и т.н. Стар канал кој минува покрај селото. Меѓутоа, секоја година кога имаме пообилни врнежи доаѓа до поплави“, вели Максимов.

Секоја година во овој дел од Облешево, кој е понизок се поплавуваат околу 30 куќи, а денес се поплавени десетина. Луѓето се спречени да влегуваат и излегуваат од куќите, а на терен надлежните не се излезени.

Ребека Спасова МНет