Низа неправилости го разрешија директорот на штипската Гимназија, познат новиот в.д. директор

Низа неправилности го разрешија директорот на штипската гимназија, образложи денес Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. Тој посочи на известувањето кое го добил од Државниот просветен инспекторат како заклучок од вонредниот надзор. Истовремено, додаде дека само постапувал согласно со одлуката, зашто и самиот Инспекторат не е под негова надлежност.

„Станува збор за грубо кршење на Законите. Она коешто јас го добив од Државниот просветен инспекторат за извршен инспекциски надзор ќе го споделам со вас. Станува збор за направени повреди во работењето на Училишнио одбор од страна на директорот на Гимназијата со коишто јас како градоначалник се известувам дека треба да преземам чекор за разрешување заради овие незаконитости и повреди коишто се направени од страна на директорот и Училишниот одбор“, информираше Јорданов.

Во училиштето ќе се изврши и дополнителен надзор за да се утврди начинот на кој се менаџирало со финансиските средства. За истите Јорданов додаде дека се пари на граѓаните потрошени на проекти кои се директива од МОН.

„Нема да дозволам некој да се претставува како жртва пред јавноста или да претставува реваншизам за нешто коешто во овој случај е направено од негова страна: незаконско работење и направени повреди. Како тоа се потрошени народни пари за инвестирање во одредени проекти со коишто тој се фали во јавност? Сакам да потенцирам дека не станува збор за проекти на директорот на Гимназијата или проекти на градоначалникот на Општина Штип. Тоа се пари на граѓаните, средства со коишто располагаат сите директори во основните и средните училишта во нашиот град. Не станува збор за добро менаџирање, туку едноставно проследување и спроведување на овие проекти коишто се наменски од Министерството за образование“, додаде Јорданов.

Инаку, училиштето има нов назначен вршител на должноста директор. Од денес Весна Ристова е прв човек на штипската Гимназија, долгогодишен професор по Македонски јазик и литература во истата.

„Нов директор на штипската Гимназија со решението што денес го донесов е Весна Ристова, долгогодишен професор во Гимназијата „Славчо Стојменски“. Тоа е решение коешто сметам дека ќе ги испорача очекувањата и на учениците во ова училиште, но исто така и моите очекувања“ информираше Јорданов.

Претходниот директор, Тамер Јамаковски, беше разрешен пред два дена, пред што тој излезе и со прес – конференција на која тврдеше дека има обид за негово незаконско разрешување.

Ребека Спасова МНет