Во Штип 158 болни и немоќни лица ќе гласаат во домашни услови, вкупниот број на гласачи намален за 500

Во Штип 158 болни и немоќни лица ќе го остварат своето право на глас во домашни услови на 23 април. Во Општинската изборна комисија Штип пристигнале 161 барање, ама на совет на седница три од барањата не биле прифатени оти не биле со целосна документација.

„Беа разгледани сите 161 барање кои беа поднесени за гласање за болни и знемоштени лица и од истите 158 барања беа прифатени односно беа оценети со уредна дали медицинска документација, дали соодветна друга документација согласно упатството на ДИК. Три лица беа одбиени поради недостаток на документација“ – вели Вацев.

Гласањето за болните и немоќни лица ќе се одвива на домашна адреса односно на адреса каде пријавиле дека сакаат да го остварат своето право на глас.

„За нив гласањето ќе го спроведат избирачките одбори каде што го имаат пријавено своето живеалиште, односно имаат пријавено адреса каде што сакаат да гласаат, ден претходно, односно на 23 април.“ – додава Вацев.

Во ОИК Кочани пристигнале 173 барања од стари и изнемоштени лица кои сакаат да гласаат на изборите. 189 барања има во ОИК Берово и овде се уште во тек се советите на кои се разгледуваат барањата. Во ОИК Делчево се пристигнати 180 барања, од кои 159 одобрени, а 19 се одбиени заради несоодветна медицинска документација и две лица ги нема во избирачки список.

Дополнително во Штип вкупниот број на гласачи е намален за 500 согласно бројката на гласачи од претходните избори.

Инаку, во Штип право на глас имаат вкупно 41.489 избирачи, а за Претседателските и Парламентарините избори се затворени три гласачки места, во селата Софилари, Брест и Горачино, кои имаат под 10 избирачи. Овие гласачи своето право на глас ќе го остварат во најблиските избирачки места. На изборите може да се гласа и со важачка лична карта со старото име на државата.

Лаура Стојанова М-Нет