Во ЖИВО на М Нет: Источно дерби на Беласица и Брегалница во Струмица, сабота од 13 часот

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

По завршувањето на репрзентативната пауза следуваат натпреварите од 13. коло на Втората фудбалска лига, а истото го носи и дербито на Истокот меѓу Беласица и Брегалница кое се игра на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, а Источното дерби ќе може да го следите на М Нет телевизија.

Беласица оваа сезона се потпира на млад тим, но тим кој покажува и докажува дека може да се носи со второлигашките предизвици, има одлични резултати и пополека струмичката фудбалска гордост гради тим за следните сезони.

Брегалница по поразот од конкурентот за Прва лига Македонија ЃП веднаш се врати на победите откако го совлада Арсими во Штип преку пресврт, со тоа што „сините“ не дозволија поразот од „лавовите“ да им влијае и веднаш го оставија за себе.

Пред нив сега ќе има едно незгодно гостување во Струмица, на терен идеален за дерби, но каде и тешко се освојуваат бодови.

Брегалница на овој меч ќе биде фаворит поради искусниот тим кој го има, но и поединци како Зоран Даноски кој знаат да направат разлика во самата игра, во однос на Беласица која е во целост со млад тим, со искусниот капитен Александар Милушев и Младен Љумовиќ.

Директниот пренос од дербито меѓу Беласица и Брегалница од Струмица на М Нет телевизија ќе стартува в сабота од 13 часот.

Александар Ванев, М-Нет