Воска подобра од Брегалница на контролката во Охрид

Брегалница вчера пристигна во Охрид, а денес го одигра и првиот контролен натпревар покрај езерото против амбициозниот тим на Воска Спорт, кој заврши со триумф од 3:0 за охриѓани.

Воска го отвори прва резултатот уште во 4. минута со евроголот на Бесарт Реџепи. Во првиот дел изгледни шанси за гол имаа и двете екипи, но немаше реализација.

Во вториот дел тренерите Здравков и Имери започнаа со измените, а Воска стигна до втор гол преку новото засилување Ујкан Муча за 2:0 во 64. минута. Со неколку шанси на двете страни во продолжението од мечот, Муча со втор гол во 83. минута зголеми на убедливи и конечни 3:0.

До крајот на мечот тренерите им дадоа шанса речиси на сите играчи, бидејќи резултатот беше во втор план.