Возачите „борејќи“ се минуваат по ул. „Кеј Маршал Тито“ во Штип, решение мора да се најде

Главниот крвоток во град Штип улицата „Кеј Маршал Тито“ и покрај тоа што беше асфалтирана пред околу половина година сепак е со дупки и шахти кои преставуваат опасност за возачите. Пред Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип возилата кои минуваат едноставно се „борат“ со патот, за да ги избегнат дупките и да не го оштетат своето возило. Оние кои живеат во овој дел од градот или почето транзитираат по оваа улица, но и оние кои секојдневно ја гледаат сликата како возачите се мачат додека возат за М-Нет велат улицата под итно треба да биде реконструирана.

За проблемот е запознаен и првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој истакна дека за оваа улица се уште нема технички прием бидејќи надзорот увидел на невкалитетна изработка. Сега се во тек испитувањата дали улицата е асфалтирана според предвидените прописи.

„Веднаш штом станав градоначалник веднаш направив дополнителни испитувања на улицата, дополнителен надзор. Практично ги чекаме резултатите од лабораторијата која врши испитувања на асфалтната маса и дополнително она кое е очигледно е дека треба да се санираат површините околу шахтите. Веќе разговаравме со изведувачот на оваа улица која во минатото е асфалтирана, негова обрвска ќе биде да ги санира овие делови на улицата, а кога ќе ги добиеме резултатите од лабаратосиските испитувања на асфалтната маса ќе знаеме дали улицата практично соодвествува со стандартите, дали е асфалтира според стандартите“ – кажа Јорданов.

Изведувачот треба на свој трошок да си ги корегира недостатоците околу шахтите и дупките на асфалтираната улица. Бидејќи технички прием не е направен уште тоа значи дека Општина Штип нема да плаќа дополнително за корегирање на улицата.

Инаку улицата „Кеј Маршал Тито“ во Штип беше мета на критики уште во предизборниот период. И тогашниот градоначалник на Штип, истакна дека е свесен за недостатоците и дека изведувачот треба да направи корекција на главната артерија во град Штип.

Лаура Стојанова М-Нет