Вода и кал по улиците во Долни Балван, жителите на мирен протест, бараат итна реакција од надлежните

Вода и кал по улиците во село Долни Балван ги извади на улица тамошните жители. Приватна фирма за фотоволтаици при работа на терен оштетила цевка за индустриска вода, при што водата тече по улиците. Но, како што велат револтираните жители проблемот овде е многу подлабок. На истото место се наоѓаат и цевки за пивка вода и канализационата мрежа, па децидни дека на повидок се многу поголеми дефекти и проблеми кои нив би ги оставиле без вода. Бараат под итно да престане копањето, или во спротивно протестите ќе бидат помасовни, а блокадите многу поголеми,.

„Тука има вода, а врз водата стават струја. Може да дојде до дефект, како ќе се отклоне тој дефект. Како може на вода да се стават кабли.“ – велат жителите.

Разговарале и со градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, но решение на виделина велат нема. Претседателот на месната заедница Долни Балван, кој вели дека ќе си замине од оваа позиција, дециден дека штетите се големи, но тие нема да дозволат да се копа понатаму.

„Сега лично разговарав со него ќе ми ги обештете сите работи, наште штети кој ќе ги истрпе. Јас во моментот имаме 20 молзни крави, треба ми два тона вода за нив.“ – додава Ефремов.

За ситуацијата запознаени се и од Општина Карбинци. Градоначалникот Паунов кратко во телефонски разговор за М-Нет телевизија посочи дека тие како општина не ја одредуваат трасата каде ќе се копа и работи. Поставувањето струја е во надлежност на ЕВН. Дополнително истакна дека како општина работат согласно законите и дозволите за градба.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет