Влазерими со нова висока победа, Дрита во финишот до три бода, реми на Зајази и Речица

Нова голема победа за лидерот Влазерими овој пат од 0:3 над екипата на Камјани на гостински терен. Ланскиот шампион кој немаше среќа во баражот за Втора лига преку Имери, Хисмани и Арифи забележа нов триумф во рамки на 9. коло од Трета лига – Запад.

Дрита со 3:2 го доби дуелот со Џепчишти на домашен терен преку пресврт и во 91. минута, откако гостинот со голот на Абдулаху имаше водство од 0:1 на полувреме. Во вториот дел гостинот со голот на Вељии дојде до 0:2, а потоа Алили и Џемаили до 77. минута израмнија на 2:2, а пак во 91. минута Артим Рамадани постигна победнички гол за 3:2.

Реми со четири гола на дуелот меѓу Зајази и Речица каде конечните исход беше 2:2 и поделба на бодовите. Османи во 7. минута си постигна автогол за 0:1, а веќе во 8. минута Матоши постигна гол за 1:1 резултат со кој се замина на полувреме.

Во вториот дел Зеќири постигна гол за 1:2 и ново водство за гостите, а пак во 93. минута Руфати постигна гол за конечни 2:2.

Натпреварот меѓу Љуботен и Напредок не се одигра. Како што е наведено во официјалниот записник од натпреварот во делот за забелешки од делегатот гласи:

„На теренот „Игралиште с. Порој“ беа присутни судиите, делегатот, контролорот и двете екипи, ФК ЉУБОТЕН и ФК НАПРЕДОК АД. Натпреварот не започна и не се одигра, поради тоа што организаторот ФК ЉУБОТЕН не обезбедил терен за одигрување на натпреварот, а сопственикот на теренот „Игралиште с. Порој“ не дозволи одигрување на тој терен, поради лошата состојба на теренот, бидејќи претходно имало два натпревари на истиот терен.“

Во однос на табелата Влазерими е лидер со 25 бодови, втора е Дрита со 18 бодови, трет е тимот на Џепчишти со 15 бодови, на 4. место е Зајази со 11 бодови, а пак на 5. место е Камјани со 10 бодови. На 6. место е екипата на Речица со 8 бодови, Напредок е седми со 6 бодови, а на дното со 3 бодови е екипата на Љуботен.