Влазерими пред нова можност да заигра во Втората лига, нов бараж за шампионот во Трета лига – Запад

Влазерими втора година по ред е шампион во Трета лига – Запад, откако минатата година беше шампион и го обезбеди баражот, но загуби од Башкими, а пак во ждрепката од поразените екипи немаше среќа.

Оваа година Влазерими буквално се прошета низ лигата и на доминантен начин без ниту еден пораз стигна до првото место на табелата со 59 бодови на своето конто. Влазерими до шампионскиот пехар стигна со скор од 19 победи и само две ремија, а пак овој тим го имаше и најефикасниот напад со 66 постигнати погодоци и само осум примени, па така Влазерими го има најефикасниот напад, но и најдобра одбрана.

Влазерими одново има шанса да заигра во Втората лига, Влазерими има нов бараж, Влазерими одново го делат само 90 минути од баражот за Втора лига. Овој пат шампионот во Трета лига – Запад ќе се соочи со шампионот во Трета лига – Југ, екипата на Борец од Велес.

Од клубот истакнаа дека веќе се мобилизираат навивачи за да дојдат заеднички и организирано во Битола и да бидат 12-ти играч и ветер во грб на играчите.

„Секоја чест за Борец, но главната амбиција и цел на Влазерими е победа во сабота и пласман во Втората македонска фудбалска лига. Во овие решавачки историски моменти за нашиот клуб, ја бараме поддршката од сите вас. Секоја форма на поддршката и помош за нас како клуб е добредојдена со единствена цел да испишеме историја за на крајот да уживаме во победата. Да се собереме сите заедно во сабота во Битола да ја испишеме нашата спортска историја со златни букви“, велат од Влазерими.

Влазерими има квалитетен тим кој стана шампион, а овој тим е составен и од поискусни играчи како Мурат Адили, Арменд Алиу, Мргим Дани, голманот и капитен Валон Незири и Љавдрим Скендери како дел од тимот кој го обезбеди новиот бараж меч за Влазерими, односно го направија тимот од Кичево одново да биде шампион во Трета лига – Запад.

Бараж мечот меѓу Влазерими и Борец ќе се одигра на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола во сабота од 17 часот.

Александар Ванев, М-Нет