
„Културолошки точки на Македонија“ е книгата која вчеравечер се промовираше во штипскиот Дом на млади во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Промоцијата во Штип е една во низата промоции во земјава откако книгата излезе и надвор од границите на земјава. Настанот беше збогатен и со изложба на фотографии од Македонија во периодот од 1924 до 1925 година.
„Вечерва сме собрани во Дом на млади како дел од настанот „Вечер посветена на културата“. Во време кога сериозно е нападнат македонскиот идентитет ние како Унија на жени се погриживме во градот да биде организирана промоцијата на книгата „Културолошки точки на Македонија“ од м-р Александар Јорданоски. Книгата е веќе промовирана во соседните земји и во тек се настани за нејзина промоција низ Македонија“, вели Христина Серафимовска, претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ – Штип.
Ова е втора книга на Јорданоски, а во неа тој има поместено 23 текста објавени претходно како колумни, ставови или рецензии во македонската периодика. Како што е истакнато во рецензиите на книгата, секој текст од неа претставува своевидно негодување на актуелната политичка состојба, пред сѐ, во однос на третманот и заштитата на културното наследство, што е всушност и професионална определба на авторот.
„Тоа е книга која претставува збирка на текстови, кои се однесуваат на заштитата на културното наследство, текстови кои се однесуваат на македонскиот јазик од аспект на заштита на културата и културното наследство, но и неколку текстови кои претставуваат рецензии на други книги кои обработуваат идентитетски и културолошки прашања. Главен акцент на книгата, всушност, е обидот за деградација на системот на заштита на културното наследство и посочување на главните точки како сето тоа да се исправи“, вели Александар Јорданоски, автор на книгата и член на Централната комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
Јорданоски како познавач на легислативата, законите и актите кои се однесуваат на наследството во целина, музеологијата, музеолошките практики и заштитата поставува прашања и дава насоки, сугестии и одговори кои ги прецизираат категоријалните одредници на културното наследство. Тој долги години е ангажиран во институции кои се грижат за културното наследство и оваа збирка е ориентир во врска со оваа тематика.
Ребека Спасова М-Нет