
„Лихварство“, „разбојништво“, ова се дел од кривичните дела, кои според граѓанската активистка, Ана Глигорова, ги прават финансиските друштва за т.н. брзи кредити. Таа вели дека тие како такви немаат никакво право да им се закануваат на граѓаните, а не, пак, да им доаѓаат на врата. Ги коментираше и измените на Законот, чија намена беше поголема контрола во издавањето на брзите кредити, со што таа вели дека тоа не е решение.
„Доаѓаат на најразбојнички начин, на врата кај луѓето, мајка ќе отвори, сопруга ќе отвори, ќерка ќе отвори, сакаат да влезат, да пленат, следниот пат… Тоа го прават со ниедно право, они немаат никакво право. Извршителите тоа некогаш го прават со полициска придружба, со одлука тие влегуваат, во случаи тоа и кај нив е проблематично, сепак се службени лица, тие се под Министерство за правда. Овде имаме некакви си индивидуалци, квази-бизнисмени, квази-банкари, односно тешки лихвари кои треба под итно да се забранат, нема што тука да се менува Законот“, вели Глигорова.
Во емисијата „Зум анализа“ на Телевизија М-Нет, каде Глигорова гостуваше, посочи дека финансиските друштва не се ништо друго, ами пералница на пари.
„Суштината на тие финанасиски друштва е проблематична, тоа е чисто перење на валкани пари. Значи, луѓе, тоа не смее да постои, треба да се забрани нивно постоење, под итна забрана оти го внесуваат човекот во виртуелни долгови, невидени“, додава Глигорова.
Глигорова ги коментираше и познатите личности кои ги рекламираат ваквите финансиски друштва, посочувајќи дека тоа за неа се неморални луѓе.
„Во таа немоќ, во таа своја несреќа, лична мака што ја има, тој веднаш оди во првата „кеш продавница“, тие се викаат „продавници за пари“, замислете имаат и име… Во сред Градски трговци центар во Скопје вели „продавница за пари“, јас го гледам и не ми се верува што гледам и тие имале права, никави права немаат. Тоа се чисти лихвари и на чест да им служи на тие фудбалери, ракометари и „тв-шоумени“ кои заработуваат рекламирајќи ги, на чест нека им служи“, заклучува Глигорова.
Глигорова смета дека финансиските друштва ја злоупотребиле немоќта на граѓаните, особено оние кои се кредитонеспособни. Посочи дека проблематична е и злоупотребата на лични податоци, енормно високите камати, како и тоа што во договорите кои се потпишуваат тие се напоменати со многу ситни букви.
Ребека Спасова М-Нет