
Продавачите делумно задоволни од побарувачката на штипскиот пазар. Нив ги имаше и во нешто помал број. Пред есента сѐ уште најбарано им е и овошјето, ама, велат, луѓето почнале да купуваат и од она што им е потребно за зимница, прво – везената пиперка. Цените посочуваат дека не се високи, а и без промена од минатиот петок.
„Слабо, не оди баш. Не знам, немаат пари, пензионерите се на пазарот, ама немаат пари. Грозјето е 70, праската е 80, крушата е 70 денари. Цените не се високи. Овошје се купува најмногу“, истакна една продавачка.
Ама за зимница, велат, ќе биде тешко. Не очекуваат производството да биде во полн ек, и за цените не велат дека ќе бидат многу високи, ама не се надеваат на голема побарувачка оти дел од луѓето се откажуваат од зимницата. Дел од продавачите потврдуваат дека везената пиперка, на пример, е со висока цена, па луѓето ја купуваат во помала количина.
Купувачите, пак, со поделени мислења во однос на цените. На прашањето – дали се високи, одговараат – за кого како.
Инаку, Државниот завод за статистика во второто тримесечје од 2023 година забележа намалување за 2,1% кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство за 4,5%.
Ребека Спасова М-Нет