
Вкупно шест лица заболеле од ХИВ/СИДА во текот на месец јули. Според Извештајот на Институтот за јавно здравје, од пријавените лица, сите се од машки пол, а едно лице е од Кочани. Другите се по едно лице од Тетово и Прилеп и три лица од Скопје. Лицата се на возраст од 28 до 51 година.
„Сите заболени лица се од МСМ популацијата. Во текот на месец јули не се регистрирани смртни случаи од ХИВ/СИДА. Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи (заклучно со 31.07.2023), кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Р. Северна Македонија, за периодот 1987–2023, изнесува 612, и тоа: 123 лица починале, 489 лице живеат со ХИВ/СИДА.“ – стои во Извештајот на Центарот за јавно здравје.
Според Извештајот, во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции (без ХИВ/СИДА) се регистрирани 11 заболени лица, и тоа пријавени се 4 случаи на вирусен хепатитис Б , 3 случаи на сифилис и по 2 случаи на вирусен хепатитис Ц и хламидија.
Смртни случаи од акутни заразни заболувања (не сметајќи СИДА), пак, во Извештајот се забележани два. Едниот е штипскиот случај од месец јули кога 27-годишно женско лице од штипско заболе од конго-кримска хеморагична треска. Во извештајот се вели дека симптомите започнале на 21 јули по каснување од крлеж, во скопската клиника лицето било пренесено на 25 јули, а починала на 27. во болнички услови. Другиот смртен случај е од листериозен менингит кај 81-годишно машко лице од Скопје, кое починало на 12 јули.
Инаку, според Извештајот за месец мај на Институтот за јавно здравје, пријавени беа пет случаи, меѓу кои и едно лице од Штип.
Ребека Спасова М-Нет