Започна реконструкцијата на патот с. Таринци – с. Долни Балван по речиси шест децении

Од денеска започнуваат градежните работи за реконструкција на патниот правец с. Таринци – с. Долни Балван. По речиси шест децении локалниот пат ќе биде обновен и проширен, а ќе добие и велосипедско-пешачка патека. Решени се сите имотно-правни односи и отклонети се пречките. Рокот за изградба е седум месеца, а градоначалникот, Виктор Паунов, не очекува пречки во текот на изградбата.

„Започнуваме со проектот којшто долго време го очекувавме и ние како Локална самоуправа, но и жителите на општина Карбинци. Се работи за целосна реконструкција, обнова и доизградба на локалниот патен правец с. Таринци – с. Долни Балван. Тоа е патен правец во должина од 1600 метри, којшто ќе биде целосно реконструиран, проширен како коловоз и изградена ќе биде нова велосипедско-пешачка патека, осветлена долж самата оваа траса. Се надевам на брза реализација без дополнителни пречки во текот на изведбата на овој проект“, истакна Паунов.

Додека траат градежните работи, патот ќе биде целосно затворен за сообраќај само во третата фаза. Дотогаш, во првите две фази, патот ќе може да се користи само до Бензинската станица. Денеска се поставуваа сообраќајните знаци, а Паунов повика на нивно почитување.

„Сообраќајот ќе биде регулиран во три фази. Од денес па натаму ќе бидат поставени сообраќајни знаци коишто ќе бидат на соодветните места. Се работи за три фази коишто ќе значат регулација според динамиката на градежните активности. Целосно овој патен правец ќе биде затворен само во третата фаза, кога ќе биде реализирано асфалтирањето долж целата оваа траса. Во овој момент се поставуваат знаците, а движењето е во некоја, би рекол, нормална динамика. Меѓутоа, апелирам до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните знаци, да бидат трпеливи“, додаде Паунов.

Проектот Општина Карбинци го аплицираше преку Министерството за транспорт и врски со пари од Светска банка. Станува збор за инвестиција вредна 27 милиони денари со кофинансирање на Општина Карбинци за осветлувањето и партерното уредување на локалниот пат.

Ребека Спасова М-Нет