
На 26 декември во штипскиот Дом на култура ќе се одржи традиционалниот 12. по ред Новогодишен концерт на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип. Концертот ќе се одржи во два термина, од 17:00 и 20:00 часот, но достапни карти за влез има само за првиот термин/ Директорот, Горан Кавраков, вели дека подготовките се во тек, вклучени се голем број професори од Музичкиот центар, а од година во година концертот се надградува. За нив особено задоволство причинува тоа што картите за вториот термин се распродале за два часа.
„Настапуваат ученици од Основното и Средното училиште, односно хорчето и оркестарот на Основното и хорот и оркестарот на Средното музичко училиште. Во текот на вчерашниот ден беа пуштени во продажба билетите за концертите од 17:00 и 20:00 часот. За наша среќа, за нечија жал, концертот во 20:00 часот се распродаде во рок од само два часа. Меѓутоа, еве, ги покануваме нашите сограѓани и сите кои сакаат да уживаат во оваа новогодишна магија, да земат билети за концертот од 17:00 часот. Концертите се од иста тежина, нема никаква разлика“, вели Кавраков.
Кавраков се надева дека ќе бидат исполнети и очекувањата на публиката. Годинава првпат активноста ќе биде дел од проектот „Направи разлика“. Благодарение на финансиската и техничка поддршка на Фондот за развој на локалната заедница, Музичкиот училиштен центар со финансиите од Концертот ќе вложи во опрема за сопствени потреби.
„Чест и задоволство ни е што оваа година за првпат во соработка со ФРЛЗ и УСАИД го организираме овој настан, односно тие сами се понудија да ни помогнат, како од финансиски, така и од организациски аспект, така што се надеваме дека производот на крај ќе вроди со плод и веќе и ние како институција да почне да вложуваме во онаа опрема која ни е потребна за озвучување, осветлување итн. Така и овие настани би прераснале во нешто професионално, кон што се стремиме во изминатите неколку години“, додава Кавараков.
Традиционалниот новогодишен концерт секоја година го привлекува вниманието на штипската јавност. Картите и минатата година беа веднаш распродадени, а се размислуваше и за концерт во трет термин, но за тоа немаше услови.
Ребека Спасова М-Нет