
Денес беа одиграни одиграни натпреварите од 20. коло од Третата македонска фудбалска лига – Југ. Во рамки на оваа рунда беа постигнати фантастични 21 погодок или во просек по 4,2 погодоци по натпревар.
Најубедлива победа забележа лидерот Вардар од Неготино, кој со високи 8:0 го декласираше ланскиот второлигаш Локомотива од Градско. Петар Ристовски со четири погодоци ја искина мрежата на Локомотива, која буквално „зариба“ во Неготино. Во листата на стрелци со по еден гол во тимот предводен од Љупчо Димитковски – Гањо се запишаа и Пане Гогов, Ѓорѓи Шишков, Дарко Нацев и Кирил Неделков.
Превалец со шест погодоци го декласираше Питу Гули од Крушево, во меч каде домашниот тим имаше тотална доминација. Двојни стрелци на натпреварот одигран во велешката населба Превалец беа Кристијан Маневски и Пеце Стојанов, а со по еден гол во листата на стрелци се запишаа Сашко Кочов и Гоце Коцевски.
Марена на домашен терен со 2:0 славеше над некогашниот второлигаш Росоман со погодоците на Роналдо Фазлиов и Армен Мемедов постигнати во вториот дел од мечот.
Големо Коњари со голот на Бојан Касниоски постигнат во 70. минута на домашен терен ја доби Слога од Лажани со минимални 1:0.
Обрашани со четири погодоци го збриша Младост среде Кривогаштани со 0:4. Двоен стрелец беше Антонио Димоски, а по еден гол во финишот постигнаа Никифор Ујгуноски и Дарко Евтимџиоски.
Вардар Неготино од Трета лига – Југ повторно ќе игра бараж за влез во Втората македонска фудбалска лига.