
Екипата на Вардар стигна до победа на првиот меч на воведното квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА, откако со 3:0 ја доби екипата на Ла Фиорита од Сан Марино на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Вардар е единствениот тим од четири наши претставници кој забележа победа на воведниот меч, а со ваквиот триумф Вардар е речиси сигурен во следната фаза бидејки на реваншот за седум дена патува со три гола предност.
Вардарци одиграа одличен натпревар, а резултатот го отвори Азер Омерагиќ на стартот од вториот дел откако во првиот дел немаше погодоци. Во второто полувреме Мацоти си постигна автогол по ударот на Јанкулов за водство на Вардар од 2:0, а конечните 3:0 ги постави Роџерс Мато.
Работнички и Силекс загубија на првиот меч од воведното коло во квалификациите за Конференциската лига.
Работнички загуби со 3:0 во Унгарија од белорускиот тим Торпедо, додека пак Силекс на гостувањето во Црна Гора кај екипата на Дечиќ беше поразен со 2:0, а на старотот во вториот дел Силекс играше со играч помалку откако Мартин Мирчевски заработи директен црвен картон.
Екипата на Шкендија во квалификациите за Лигата на шампионите одигра 0:0 против ТНС од Велс и во Скопје ќе бара позитивен резултат за пласман во следната фаза.
Најсигурен наш претставник во следната фаза од европските квалификации е екипата на Вардар.
Александар Ванев, М-Нет