Вардар го засили стручниот штаб со кондициони тренери од Аргентина

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар за новата сезона го засили стручниот штаб со двајца кондициони тренери од Аргентина.

Станува збор за Себастијан Пабло Пардеиро и Гонзало Перез Бацигалупо, искусни кондициони тренери, чии главен фокус ќе биде физичката подготвеност на фудбалерите на Вардар, која е од особена важност за екипата предводена од шефот на стручниот штаб Горазд Михаилов.

Вардар вчера го одржа првиот тренинг во Скопје по враќањето од подготовките во Словенија, а по неколку месечната пауза, на екипата и се приклучи фудбалерот Огнен Здравковски, кој полека но сигурно се опоравува од тешката повреда, а наскоро се очекува и да го видиме на теренот во „црно-црвениот“ дрес.

Новата сезона Вардар ја отвара на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица против Брера Струмица, во рамки на воведното прво коло од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.

Вардар на стадионот во Струмица го избори опстанокот во елитата, откако го совлада второлигашот Детонит Плачковица, а на истиот стадион ќе ја започне и новата сезона.

Александар Ванев, М-Нет