
Струмичкиот прволигаш Брера се засили со Урош Стамениќ за пролетната полусезона. Стамениќ во Брера Струмица доаѓа од редовите на ИТМ Белград од Србија. Станува збор за 27 годишен фудбалер кој потекнува од Војводина, клуб со кој и играше европски натпревари. Освен во Војводина, новото засилување на Брера има настапувано и за Пролетар, Борац Чачак и Златибор, а со своите квалитети може да покрива повеќе позиции во редот за врска од крилните до централните места, со што ќе придонесе да бидеме далеку поофанзивни пред противничките голови. За тимот на ИМТ во есенскиот дел има одиграно 16 натпревари при што запиша еден гол и една асистенција.
„Еден нов предизвик за мене. Доаѓам во една здрава средина и стабилен клуб кој има високи амбиции. Имаме исти размислувања и лесно се договоривме околу соработката. Останува на терен да ги оправдам очекувањата на тренерите и на луѓето од клубот и верувам дека ќе направиме одличен резултат. Мислам дека овој проект е еден од најпрогресивните фудбалски проекти во регионот и драго ми е што сум дел од Брера Холдинг кој работи во целиот свет“, кажа во својата прва изјава новото засилување Стамениќ.
Генералниот директор на клубот Јован Симиќ кажа дека полека се затвора новиот костур на Брера за пролетната полусезона во Првата македонска фудбалска лига, иако не се исклучува можноста со уште едно засилување доколку има квалитетна понуда.
„Ни прествува задоволство што Урош стана дел и се приклучи на нашиот тим Брера Струмица. Не бевме задоволни од првиот дел на првенството и оваа зима направивме промени во клубот како организациски така и играчки. Ја променивме „крвната слика“ на стартниот тим, дополнително го подигнавме нивото и се подготвуваме да заминеме за Анталија на подготовки за вториот дел од првенството. Доаѓањето на Стамениќ за нас значи 99% завршен преодниот рок. Може да се очекува уште едно ново засилување но ќе видиме. Заминувања од тимот може да има само во случај на нови понуди кои не би требало да се пропуштат. На време почнавме со засилувањата и ни преставува задоволство што за Турција заминуваме комплетни според планот. Имам доверба во тренерите, стручниот штаб, играчите и со квалитетна работа како и со добра атмосфера и заедништво, резултатите во вториот дел од првенството нема да бидат проблем“, вели Јован Симиќ генералниот директор на АД ФК АП Брера Струмица.
Александар Ванев, М-Нет